Проценката на изведбата или попознато како performance management е една од клучните компоненти во работењето на секоја организација, а за нејзина реализација е задолжен секторот за човечки ресурси.
Стручни статии од членови:
Проценката на изведбата или попознато како performance management е една од клучните компоненти во работењето на секоја организација, а за нејзина реализација е задолжен секторот за човечки ресурси.
Проценката на изведбата е од суштинска важност и мора да биде инкорпорирана како задолжителна активност во работењето на секоја организација што претендира да биде успешна, затоа што истата дава приказ во остварувањето на резултатите и квалитетот на работењето. Преку проценка на изведбата се добива приказ на моменталното ниво на компетентност на вработените во организацијата.
Една од најважните алатки на секој менаџер за човечки ресурси треба да биде мапата на компетенции во организацијата. Мапа на компетенции претставува матрица составена од сите работни позиции од една страна и сите потребни компетенции во организацијата од друга страна. Преку матрично поврзување на овие две компоненти се добиваат потребните компетенции за секоја работна позиција. Напредна форма на мапа на компетенции е каде што компетенциите се поделени во нивоа (пример: основно, средно и напредно ниво на компетенцијата).
Вработените се најважниот ресурс на секоја организција. Тие се носители на компетенциите во организацијата. Проценката на изведбата се прави на индивидуално ниво, за да се процени нивото на компетентност на секој вработен, а тоа се манифестира преку изведбата на работното место. Проценката преку мапата на компетенции се однесува на квалитативна анализа на работењето. Преку проценка на изведбата, користејќи ја мапата на компетенции, секторот за човечки ресурси доаѓа до два важни заклучоци:
- Потенцијални точки на подобрување - проценката на изведбата е особено важна затоа што ги покажува областите во работењето каде што условно кажано вработениот потфрла, односно изведбата не е на посакуваното ниво или пак има потешкотии при реализацијата. Врз база на овие наоди се планираат потребните обуки за доусовршување на вработениот.
- Споредба на проценките на изведбата - ова е многу важен елемент бидејќи го покажува трендот на изведба на вработениот, дали има подобрување, влошување или пак стагнирање на неговата изведба.
Секторот за човечки ресурси ја има одговорноста за спроведување на проценката, а посебно време и внимание треба да посвети на дефинирање на компетенциите заедно со вработените, како и дефинирање на посакуваните нивоа на компетентност за секоја работна позиција. Од суштинска важност е секој вработен да знае кои аспекти од неговото работење ќе бидат предмет на проценка.
Самата проценка претставува форма на фидбек, каде што менаџментот на компанијата, а и секој вработен за себе, добиваат повратна информација за нивото на изведба. Проценката на изведбата одговара на едно многу суштинско прашање, а тоа е: „Како ќе знаеме колку сме добри во тоа што го работиме“?
Креирањето на мапа на компетенции е од суштинска важност за успех како на индивидуално така и на организациско ниво. Ниту една организација не може да има врвна изведба се додека не дефинира што подразбира под тоа. Затоа потребно е секоја организација да креира мапа на компетенции каде ќе бидат дефинирани нивоата на потребни компетенции за успешно функционирање на секоја работна позиција. Преку проценката на изведбата се утврдува нивото на компетентност на вработените и патот што треба да се изоди до организација што ќе испорачува врвни перформанси.
Автор:
Ненад Дафинчевски
Помлад консултант за организациски развој
ДЕТРА Центар
член на МАЧР
Текстот изворно е објавен во е-весникот "Човечки капитал" бр.6, стр. 40.
До останатите текстови од весникот може да пристапите овде.