Развојната патека на HR заедницата којашто долги години ја градиме официјално има нова постојка, настанот HR Weekend, којшто оваа година се одржа на 1 и 2 ноември во хотел „Бистра“, Маврово, во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси.
HR Weekend 2.0 – Значајна постојка на развојната патека на HR заедницата
Развојната патека на HR заедницата којашто долги години ја градиме официјално има нова постојка, настанот HR Weekend, којшто оваа година се одржа на 1 и 2 ноември во хотел „Бистра“, Маврово, во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси. Овогодинешниот HR Weekend, којшто се одржува по вторпат, беше обележан со успешна дружба, многубројни интересни искуства и стекнати знаења. МАЧР тежнее со своето дејствување да обезбеди богата програма составена од обуки и настани за зајакнување на HR заедницата, секако прилагодена на потребите на HR менаџерите и професионалците во различни фази на нивната кариера. Програмата на овој настан изобилуваше со сесии на тренинг центри кои се карактеризираа со активно учество од страна на учесниците, а споделувањето на искуствата и учењето од сесиите предизвикуваа дебата, како и градење на доверба во програмите на тренинг центрите од Македонија.
Настанот го отвори претседателот на МАЧР, Дарко Петровски, давајќи увид во програмата на настанот и искажувајќи голема благодарност до сите учесници, како и до домаќините на настанот К.А.К. Групација, кои целиот настан го издигнаа на повисоко ниво. Г-дин Петровски направи вовед во темата истакнувајќи ја потребата за утврдување на јазот помеѓу постоечките компетенции на вработените и потребните компетенции кои произлегуваат од работната позиција, со користење на софтверот Gradar. Како воведна сесија на настанот, Христина Лозаноска, член на Управниот одбор на МАЧР, ги презентираше резултатите од истражувањето „Oбуки во компаниите“, спроведено од страна на МАЧР и ја истакна потребата од спроведувањето на обуки и како и менување на лимитирачкото верување кое владее помеѓу HR заедницата во однос на обуките. Со цел да се тргнат лимитирачките верувања на учесниците во поглед на обуките, Христина им припреми интересна и интерактивна вежба којашто позитивно влијаеше врз текот на целиот настан. Покрај тоа што вежбата го скрши ледот кај учесниците и поттикна учесниците да се запознаат подобро едни со други, исто така го започна и вмрежувачкиот дел на настанот.
За едукативниот дел на настанот беа задолжени тренинг центрите. Домаќините, К.А.К. Групација, ја отпочнаа програмата со сесијата „Adventure Games“. По поделбата во тимови, отпочнаа 8 забавни игри кои го подигнаа натпреварувачкиот дух на учесниците, а позитивната атмосфера ги обзема и ги сплоти учесниците. Втората презентација на денот „Иновативност и креативност- надвор од рамката“ предводена од страна на г-ѓата Лидија Таскова-Попова, претставникот на тренинг центарот ЕСП – Развој и управување на човечки ресурси, им постави предизвик на учесниците да размислуваат на иновативен и креативен начин. Токму тоа, беше цел на оваа сесија, односно да се разбуди досетливоста кај учесниците и да се стимулира способноста да излезат „надвор од рамката“ со употреба на техники и алатки, кои беа употребени за време на сесијата. Одговорноста да го затвори денот ја презема г-ѓата Ирена Јакимова, основач на тренинг центарот Инспирит Коучинг, со презентација на тема „The Art of Presence“. На сесијата се запознавме и извежбавме неколку пристапи и техники за лично оспособување да зборуваме и презентираме пред група на луѓе. Учесниците исто така имаа можност да се запознаат со Points of You картичките, сетови од картички со фотографии чија задача овојпат беше да доловат тема од секојдневниот живот или израз на лице.
Вториот ден од овој навистина убав и продуктивен викенд беше вообличен од уште три интересни и мошне забавни претставувања на тренинг центрите. Програмата за вториот ден имаа честа да ја започнат Enjoy Macedonia. Настанот започна со групна активност, наменета да се зголеми активноста и енергијата кај учесниците. Како дел од сесијата „Ефективна комуникација и тимска работа“, исто така беше изведена уште една групна активност со цел да се подобри комуникацијата кај сите учесници, како дел од еден тим. Тренинг центар којшто темелно ја долови темата на настанот HR WEEKEND 2.0. - „Learning & Development“, е Вивендум Ратио Солушнс. Темата на сесијата „ВЛИЈАНИЕ – Концепт на развој на лидерски вештини“, детално ги опфати сите аспекти коишто влијаат врз лидерските вештини на еден HR менаџер. Г-ѓата Наташа Алексовска го стави фокусот на влијанието на менаџерите врз вработените преку комуникација, лидерство, мотивирање, управување со тимови, градење организациона култура насочена кон постигнување резултати и поттикнување креативност и иновација во организациите. Викендот исполнет со забавни предизвици и многу дружење го затворија К.А.К. Групација со активноста „Mind Games“. Како надополнување на првата презентација, активноста која имаше за цел да ги подобри комуникациските и лидерските вештини на учесниците, како и да се увиди способноста на учесниците при решавање на умствени игри, исто така ги истакна и победниците на овој викенд, кога станува збор за сите игри коишто беа организирани од страна на домаќините.
За крај би сакале да се заблагодариме на сите учесници, на сите тренинг центри и секако на домаќините КАК Групација. Ни претставуваше голема чест да гледаме како овој наш навидум мал настан расте и се надоградува од година во година. Се надеваме дека и вие, исто како нас, сте веќе возбудени за тоа што ќе се случува на HR Weekend 3.0!
До следниот настан!
Останатите фотографии можете да ги погледнете на нашиот Facebook профил (линк).