На 3 и 4 Декември МАЧР ќе ја организира 12тата Меѓународна конференција

Драги членови, партнери, соработниции пријатели на Македонската асоцијација за човечки ресурси,
2020 година е по многу нешта поинаква од сите години досега. Планираното 12-то издание на Меѓународната MHRA конференција и HR Експо кое беше детално испланирано и очекувано по традиција да се одржина 20 мај, Меѓународниот HR ден, моравме да го одложиме заради мерките кои се воведоа за заштита од корона вирусот. Нашата конференција не беше единствената засегната од ситуацијата во која многу планирани големи глобални настани, вклучувајќи ги и Олимписките игри во Токио беа одложени/откажани.
Поради тоа, брзо се прилагодивме на новонастанатите услови и продолживме со нашите активности прилагодувајќи ги на условите, па досега одрживме серија од 12 онлајн настани, вебинари и обуки, земавме учество и на голем број други настани, пристсапивме кон кризен менаџмент на извршната канцеларија вклучувајќи и кадровски промени во неа, нашата годишна конференција ја одложувавме за понатаму, се до моментот кога стана јасно дека оваа година не постои друга можност, освен да ја одржиме онлајн.
Нашата одлука беше да ја одржиме, затоа што тоа и го должиме на нашата публика и на нашите членови и поддржувачи, за прв пат во историјата во онлајн формат. Ветуваме дека содржински ќе го обезбедиме очекуваниот висок квалитет, а техничко-технолошки ќе ги направиме сите напори да го премостиме доживувањето кое го нудеа нашите изминати конференции со присуство во живо.
Оваа година, беше особено важна за HR професионалците, кои беа ставени пред предизвикот да најдат одговори на многу прашања предизвикани од единствената ситуација што ја наметна ковид-кризата. Токму тоа, дополнително ја истакна важноста на нашата професија во справувањето со кризните состојби, но и во пронаоѓањето на иновативни и креативни решенија за продолжување на деловните активности во речиси сите области на економијата и секојдневниот живот. HR беше адресата на која се обраќаа врвниот менаџмент, вработените и сите други релевантни чинители и токму во тие моменти можеше да се согледа вистинската вредност од вложувањата на компаниите во градењето на компетентен HR оддел и професионалци кои поседуваат вештини и се способни да ги применат актуелните светски политики и практики и да предложат нови решенија.
Токму од тие причини, оваа посебна конференција сакаме да ја претвориме во настан на кој ќе оддадеме општо признание на HR професионалците за нивниот придонес и заслуги воодржувањето на функционалноста и напредокот и развојот на организациите, на вработените и на целото општество. Но, оваа година сакаме да иницираме и многу разговори и идеи за промени кои ќе водат кон напредок на македонското стопанство и на нашето општество во целина, особено имајќи го предвид регионалниот и глобалниот контекст.
Тргнувајќи од тоа дека развојот на луѓето и технологијата ја имаат моќта да го револуционизираат начинот на работењето, задачата на менаџерите со човечки ресурси е да ја преземат улогата на лидери во дизајнирањето на начинот на работа во организациите, за да бидат во чекор со предизвиците што ги носи иднината. Во насока на поттикнување на проактивноста и агилноста кај професионалците за човечки ресурси, произлезе дека темата која ја избравме за нашата конференција уште пред околу една година: “Future-fit organizations: Proactive HR (Организации способни за иднината: Проактивни човечки ресурси)”е всушност потврда за визионерството на нашата Асоцијација.
Актуелноста и исклучителната важност на темата поттикна повеќе светски докажани и искусни професионалци, креатори на трендови, универзитетски професори и експерти да го дадат својот придонес на 12 МHRА Конференција, грижејќи се за потврда на исклучителното значење и за квалитетот на настанот.
Годинава, можеби нема да го имаме доживувањето на атмосферата на претходно договорениот хотел DoubleTree by Hilton во Скопје, но ќе им овозможиме на сите учесници единствена можност со користење на информатичко-комуникациските технологии да ги задоволиме нивните професионални апетити од нивното работно место во компанијата или од удобноста на нивниот дом.
На ова место ги покануваме нашите верни и ценети партнери, спонзори и членови,преку масовно учество на конференцијата, да ја поддржат Македонската асоцијација за човечки ресурси во овие тешки финансиски околности, за таа и понатаму да продолжи да ги реализира своите активности во остварувањето на својата мисија во интерес на развојот на професијата и во поддршка на македонската економија и регионалната и европската соработка.
Ќе се потрудиме да подготвиме уште едно, поинакво, но повторно незаборавно искуство кое ќе ги надминеме Вашите очекувања!
Дарко Петровски
Претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси