Стручни статии - од правен аспект....
Предизвици околу имплементацијата на законот за безбедност и здравје при работа
Стручни статии - од правен аспект....
Предизвици околу имплементацијата на законот за безбедност и здравје при работа
Кога Собранието на Република Македонија на седницата на 06 Јули 2007 год. го донесе Законот за безбедност и здравје при работа, основната цел беше да се намалат несреќите при работа, а особено оние со смртни последици.
Од тогаш, до сега, Законот претрпе повеќе измени и дополнувања, а покрај поголемото каснење се донесоа и поголемиот број на правилници кои беа неопходни за неговата имплементација.
Но, кои се резултатите од неговата примена?
Поради заканата од огромните глоби, работодавачите, некои порано, а некои подоцна, ги завршија сите формални обврски коишто им беа наметнати. Направија здравствени прегледи на вработените, им обезбедија обука за безбедност и здравје при работа, извршија испитување на работната средина, донесоа планови за евакуација и спасување и многу други помалку или повеќе битни работи од областа на безбедноста и здравјето на вработените.
Но во информативните гласила секојдневно читаме наслови: „Загина работник во Велес“, „Тракторист се бори за живот“, „Работник повреден при пад од скеле“, „Се повредил на работа, скопјанец остана без два прста“ и многу други вакви информации кои ни предизвикуваат морници по телото. Официјалните бројки на Државниот инспекторат за труд, каде според законот се пријавуваат сите несреќи при работа говорат дека во 2010 год. имало 625 повреди при работа, додека во 2013 год. тие пораснале на 1.338. Некој ќе рече дека тоа е резултат на зголемениот раст на економијата, но ако на вистината и погледнеме во очи ќе забележиме дека законските формалности и тоните хартија коишто стојат во архивите на компаниите не ги дадоа посакуваните резултати.
За да се избегне ваквата состојба потребно е законот од административните простории на работодавачите да се симне во фабричките хали, на градилиштата и на земјоделските површини каде секојдневно се случуваат несреќи со страшни последици.
Но, како што е вообичаено, ова е полесно да се каже или напише отколку да се направи.
Анализирајќи ги соcтојбите на терен идентификувавме четири предизвици коишто е потребно да ги решиме за да ја подобриме состојбата и да го направиме законот поефикасен во остварувањето на неговата цел, а тоа е безбедни работни места во Македонија.
Првиот предизвик е “Како да ја зголемите улогата и влијанието на стручните лица вработени во компаниите и да ги зголемиме нивните капацитети преку постојана обука и усовршување”. Ако внимателно се чита законот ќе се забележи дека законодавецот на почетокот не бил сигурен колку од обврските да ги остави на стручните лица вработени во компаниите, а колку од нив да ги префрли на надворешните правни лица коишто имаат овластување да вршат стручни работи за безбедност и здравје при работа. Така, уште при дефинирањето на поимите коишто се користат во законот во членот 3 стручното лице за безбедност при работа се дефинира како „вработено стручно лице кај работодавачот назначено од него за извршување на стручни задачи поврзани со безбедноста при работа“. Но, ако се споредат примарните обврски на стручното лице од членот 19 на законот, ќе се види дека тоа лице може само да го советува работодавачот при изборот и купувањето на средствата за работа, за опремувањето на работното место, да врши внатрешен надзор над спроведувањето на мерките за БЗР, да изработува разни упатства за безбедно извршување на работата. Останатите битни обврски на стручното лице, како што се изготвувањето на стручна основа за изјавата за безбедност, вршењето на редовни прегледи на опремата и работната средина или подготовка на програмата за спроведување на обуки на вработените согласно со став 2 на истиот член, може да ги врши само стручно лице кои ги исполнува условите од член 46 на законот. Членот 46 упатува дека министерот надлежен за работите од областа на трудот со правилник ги утврдува условите, вработените, организацијата, техничките и други услови коишто треба да ги исполни „правното или физичкото лице“ за вршење на стручните работи. Ако се погледаат условите од правилникот ќе се утврди дека и покрај тоашто се употребува терминот од законот „правото или физичкото лице“ овие стручни работи може да ги вршат само правни лица кои имаат вработено најмалку три стручни лица со високо образование, отсек заштита при работа, технички или друг отсек кој одговара на дејноста на работодавачот. Од тука станува јасно дека ова неможе да го врши физичко лице коешто неможе да вработува работници и да ги исполни другите услови од правилникот.
Од друга страна, со измените на законот од 28.11.2011 год. се укина обврската стручното лице од членот 19 „да има положено стручен испит за безбедност при работа“. Од ова може да се забележи дека законодавецот наместо на стручното лице вработено во компанијата поголема надлежност и значење му дал на надворешното правното лице кое откако ќе ги изготви сите потребни документи и ќе ги достави до компанијата ја напушта и нема никакви понатамошни контакти со вработените и работните места. За разлика од нив, стручното лице коешто е вработено во компанијата секојдневно е на работното место и може навреме да реагира и да ги предвиди непосредните опасности по здравјето и животот на вработените.
Вториот предизвик е „Ослободување од некои обврски за микро и малите компании“. Превземените мерки за безбедност и здравје при работа имаат и финансиски реперкусии врз работењето на компаниите. Точно е дека „здравјето нема цена“ но дали некои обврски за чиешто непочитување се предвидени значителни глоби во законот се претерани за микро и малите компании. И самите инспектори се свесни дека за фирмите коишто имаат до 10 вработени,излишни се обврските како на пример да им се овозможи на вработените, непосредно или преку свој преставник, да учествуваат во утврдувањето на недостатоците и во подобрувањто на условите за работа, или да се консултитра и соработува со вработените и нивните преставници во однос на последиците и опасностите кои произлегуваат од изборот на работната опрема, да склучи договори со други правни субјекти специјализирани за давање услуги, особено во давањето на прва помош, итна медицинска помош, активности за евакуација и спасување и противпожарна заштита и многу други слични обврски за кои е предвидена глоба од 1.000 евра. На крајот на краиштата, какви обврски за безбедност и здравје при работа треба да исполнат фирмите со три до четири вработени, каде единствена опрема за работа им е работно биро и компјутер?!
Третиот предизвик е „Вклучување на прашањата за безбедност и здравје при работа во процесот на социјален дијалог на ниво на компанија и колективното договарање". За жал социјалниот дијалог на ниво на компанија во Македонија е на ниво на зародиш и со исклучок на некои поголеми компании многу ретко се среќава. Како и за останатите прашања од економско социјалната сфера, така и од областа на безбедноста и здравјето при работа, социјалниот дијалот е една успешна алатка која може многу да помогне. Седнувањето на една маса на преставниците на вработените и менаџерите на компаниите и започнувањето на дијалог за безбедноста на работните места во компанијата е голем чекор напред. Затоа е потребно да го стимулираме овој процес и да им укажеме на компаниите дека тоа
е и во нивен интерес. Намалувањто на несреќите при работа носат и финансиски бенефити за фирмата. А, кој може тоа подобро да го направи од најзасегнатите, а тоа се работниците и работодавачите. Надворешните стручни лица се добродојдени со нивните совети, но разговорите внатре во фирмата за секое работно место можат најрано да ги откријат можните опасности по здравјето на вработените.
Четвртиот предизвик е „Давање на поголеми права и обврски на Националниот совет за безбедност и здравје при работа во следењето на имплементацијата на Законот за безбедност и здравје при работа". Според неговата структура и стручност ова тело заслужува поголемо внимание и неговите препораки мораат да се уважат со големо внимание во подоцнежните измени и дополнувања на законот.
Решавањето на овие предизвици, но и на некои други кои постојат во оваа област, е од многу големо значење. Намалувањето на бројот на несреќите на работните места, особено на оние со смртни последици верувам дека сите нас ќе не направи посреќни.

Автор:
Ангел Димитров
Организацијата на работодавачи на Македонија
Претседател
Текстот изворно е објавен во е-весникот "Човечки капитал" бр.6, стр.53 .
До останатите текстови од весникот може да пристапите овде.